|
Ракомет: Утре (15, 30 ч.) Жито Прилеп - Заечар
Српскиот првак во арена "Сонце"
Гостинките фаворитки, домашните кон достоен отпор
Конечно реномираниот тим на Заечар доаѓа во арената "Сонце" да го одигра утре (15,30 ч.) одложениот меч од 1. коло на Регионалната лига со Жито Прилеп. Српскиот првак е фаворит. Оттука фокусот е кон извлекувањето што повеќе од можностите на домашниот тим. Со дуели против големите ривали, се добиваат неопходно искуство. Противникот е силен и не се оптоваруваме, туку треба да одиграме. Мечот ќе покаже до каде сме - вели Менде Петлески, тренерот на Жито Прилеп. Наследникот на клупата нема волшебно стапче. Прифати да работи макотрпно и трпеливо. Недостатоците отворено се кажуваат заеднички да се дојде до решение. Раздвоеноста итно ја надминуваме. Не се игра поединечно, туку со шест во напад и одбрана. Со сплотеност има успех - порачува Петлески. Квалитетните ривали како Заечар се пример од кои се учи, а во тимот има простор за прогрес на младите. За младиот тренер и младиот тим треба поддршка од трибините. Жито Прилеп има две победи во Регионалната со Раднички Белград и Бисери Плевља, три пораза од Металург, Будуќност и Јагодина, а во таа група на фаворити е и утрешниот гостин, Заечар.
Јаломитеану на гол
Кон Жито Прилеп е приклучена голманката од Романија, Михаела Јаломитеану. Голот го брани со колешките Дијана Наумоска и Сандра Дурланова. Заминува само бекот Ивана Петковска во Шведска. Шест од младинскиот погон се префрлени во првиот тим, кој на тест го совлада 33-26 младиот Металург во Скопје. |
|
Фудбал: По последното место на 11 Октомври
Подмладување е планот
Заврши есенскиот дел во Првата фудбалска лига, најлоша за 11 Октомври, последен со 10 бода. Можеше подобро да изгледа, ако не се случеше шокантниот меч дома со Напредок, од сигурни 2-0 преку Владимир Мојсовски, во последните три минути до мизерни 2-2. Како да се преброди? Мора да се бара надеж и оптимизам. Знаејќи кои луѓе го водат клубот, силно поддржани од Витаминка, нема сомневање дека ќе бидат вложени максимум напори. Условите се како за тим кандидат за титула, а ваму срамно е дно на табелата. Со последно место доаѓаат промени. Останува да се сочека колкави ќе бидат. Играчкиот кадар имаше шанса, ама не се покажа. Се виде кој колку се залага или си тера по свое, кој колку може во највисокиот ранг. Потребни се млади играчи, кои сакаат да го прифатат предизвикот и да се потврдат со труд, дисциплина и пожртвуваност. Со нетрпение се чекаат првите потези во 11 Октомври. |
|
Хуманитарен турнир во мал фудбал
Манта, Тони - Илчо, Калц
По повод празникот Свети Никола, вчера, денеска и утре во арената "Сонце" е хуманитарниот турнир во мал фудбал на локалната самоуправа, конфекцијата Комфи Ангел и Центарот за граѓанска иницијатива. Како светецот кој помагал сиромашни и беспомошни, така организаторите сите собрани пари од котизацијата на над 30 екипи и од продадените билети, ги наменуваат за помош во реконструкцијата на Детското одделение од Градската болница. Се очекуваат полни трибини, зашто покрај малиот фудбал занимлива е и забавната програма. Подготвена е популарна микс музика од познати диџеи, балетски точки и мажоретки. Финалето е в сабота во 20 часот, а пред тоа во 19 часот е мошне атрактивен ревијален фудбалски меч помеѓу некогашните легенди на Победа и 11 Октомври против гостинските од скопски Вардар. Имаат што да покажат од старите добри времиња, Марјан Стојкоски - Манта, Тони Наумоски, Горан Тодоровски - Сивчо, Небојша Стојковиќ, засилени со градоначалникот Марјан Ристески, спроти Љупчо Марковски - Калц, Илчо Ѓорѓиоски, Сашо Милошевски, Боби Милевски, Марио Вујовиќ.
Корзо првак
Сладок пораз за Корзо со 3-1 од Вардар во Неготино, бидејќи и по него останува на врв и е есенски првак во Трета лига - Југ. Беше трет неуспех за играчите на Горан Тодоровски и Панде Трајчески, покрај едно реми и 10 победи. Останати од последно коло: Илинден - Кожуф 1-0, Борец - Кадино 2-4, Партизан - Г. Коњари 2-0, Млекар - Бабуна 0-1, Младост - Бирлик 5-2. Табела: Корзо 31, Бабуна, Кожуф, Илинден, Партизан, Вардар по 30, Г. Коњари 26, 10-та Младост 13, 13-то Млекар со осум, 15-то со седум бода е Кадино.
Бизнис голгетери
Ефикасни партии и во 2. коло од Бизнис лигата. Спорт лајф го совлада Лукас Елит со 6-3, а .Економски факултет загуби 1-7 од Сидро. Останати: Златна рака Проспект - Основен суд 1-0, Прилеп - Горан паркетар Електроелемент 2-4, Кабелнет - Агроинвест 3-3. Табела: Спорт лајф и Златна рака Проспект по шест бода. |
|
Кошарка
Меч 160 минути
Најдолг кошаркарски меч во последно време, точно 160 минути, помеѓу Ултимејт баскет и Милениум од Струмица, лидер на второлигашката табела. Почна во 19, заврши во 21,40 часот, заради инцидентот во втората четвртина. На три минути пред полувремето, настана мешаница меѓу гостинската клупа и најблиските навивачи. По долг прекин, екипите се повлекоа во соблекувалните, а публиката замина, оти се чинеше дека мечот нема да продолжи. Сите беа за играње и натпреварот се доигра во речиси празна сала. После невиден пресврт 86-79 за У. Баскет. Победивме со штипски Гоце Делчев, битолски Пелистер, сега и со Милениум. Играме мотивирано. Така ќе биде и в сабота кај последното Неготино - вели Влатко Атанасоски, тренер. |
|
Пинг - понг
Оставка на Јованоски
Зоран Јованоски размислува за оставка на местото тренер на пингпонгарскиот прволигаш, Младост. Поттикната е поради многу причини, пред се од немање основни услови за работа во клубот, кој е лидер на табелата и со шанси за враќање на титулата, која ја освои двапати. Сала немаме ни за тренинзи, ниту за натпревари. Играме на други места. Исто е со мрежи, семафор, практично ништо немаме - вели Јованоски, кој по потреба е играч, а и селектор на репрезентацијата на Македонија. Останува да се сочека ставот на Управата. Клубот навистина е во тешка ситуација, откако салата зад ДТВ Партизан пред седум месеци е затворена оти нема струја од неплатени сметки. Младинските школи не можат да функционираат. Младите се разбегаа, некои преминаа во други спортови, ракомет, одбојка. Неиздржливо е - истакнува Јованоски. Во последното коло Младост со 5-4 го совлада Ѓ. Петров и со максимални 14 бода е есенски првак, а по победата над Струга со 5-4 четвртото место е за Младост 96. |
|
Николоски победи 39-37
Најчист бокс
Александар Николоски го победи Унгарецот Имре Шимон на професионалниот бокс меч во категорија до 66 кг., во верзија на Европска боксерска унија. После четирите рунди, судиите гласаа 39-37, а немаше да биде неправда и обратно. Ривалот одеше на серија, а јас на прецизни удари. Замисленото го спроведов. Победив поискусен борец - рече Николоски. Гледачите видоа најчист бокс досега, за разлика од порано кога имаше наместени мечеви.
|
|