PDF Печати Е-пошта

Арабаџијата Никола Ристески контра на времето со 91 година

Со кобила против камион

Леб со арабаџиска кола низ српско, бугарско, југословенско и македонско време

Секој ден едно старче со арабаџиска кола му пркоси на времето и природата покрај реката, карши училиштето "Кочо Рацин". Се вика Никола Ристески, родум од село Вранче. Не личи за своите 91 година. Вели дека се родил како Ристиќ, служел војска како Ристов, а сега е како што треба - Ристески. Минал српско, бугарско, југословенско, македонско. Жива историја е за Прилеп скоро еден век. Пргав и разговорлив е. Нема мака со здравјето, освен што го издава виделото. И сега е со кобилата, "Воѓанка" - Митра со 14 години. Таа му е замена за стариот коњ. Ама нема работа. Некој фрижидер за на отпад, неколку искршени гајби за пиво, летно време ќе пренеси некоја мешалка за бетон, по некое скеле... И толку. Колку да не седи дома, оти му е здодевно. Веќе 25 години е вдовец. Додека го служи здравјето се труди да излези, да не му биде "на товар" на синот Илија, со кого живеат заедно. Имам четири деца, а од нив шест внуци, а од нив уште шест правнучиња. Доаѓаат да ме видат. Прашуваат дали сум арен, потседнуваат, се дружиме, дури и ми носат по нешто - вели старецот, седнат на колата со уздите в раце. Бие мајтап, велејќи дека "моторот" му работи, алудирајќи на срцето. Доспеал скоро еден век живот, можеби оти не пушел, а подпивнувал само колку за атер. Го познава градов подобро од секој таксист, иако времето го гази "занаетот". Исчезнаа арабаџиите. Останаа уште двајца - тројца. Камионите и автомобилите им го зедоа "лебот", ама Никола - арабаџијата не се дава лесно. Не се варди многу за здравјето по студот и по пеколот. Чека упорно "шанса" колку да извади за радост на правнуците и за зоб за кобилата. Со неполни две години е донесен во Прилеп. Уште од дете е со запрегата, на тутун, со стока, со земјоделие... Во тешките времиња се живеело од денес за утре. Се немало за храна. Згора на тоа, српските џандари тепале "сî што мрда". Тутунот ни го проценуваа три класи подолу, а ние се "отепувавме" од работа на припекот во летно време. Згора на тоа Србите нî гледаа како подолни. Не требаше многу некој поднапиен џандар да те изгази од ќотек. Нивното заврши, а Господ гледа па враќа. Имаат проблеми со Косово - се потсетува Никола на времето кога Прилеп бил Вардарска Бановина под кралот Александар Караѓорѓевиќ. Па, каква што била државата на "стаклени нозе", со несогласувања меѓу народите, таква била и одбраната. Фашистите ја нападнале и одвај останал некој генерал да потпише капитулација по 12 дена повлекување. И Бугарите не биле поарни. Насила го регрутирале и станал војник во царската бугарска војска во тоа бурно време. Не бил "прашинар", туку топчија. Во Софија ја пречекал Црвената Армија и се вратил во Прилеп, ама сега со "другарите", како што ги вика партизаните. До 1947 како партизан, ги чистел селата од балисти и четници од Западна Македонија. Го служи памтењето. Раскажува како три дена поминале во заседа во дебарско кога му бил ставен животот "на коцка". Ја соблекол униформата, ама коњот не го давал. Никола жали за минатото. Ги памети убавите моменти, му навираат мисли за времето кога го чекале муштерии, небаре велигденско јајце да им пренесе дрва, граѓа... Убави времиња беа по ослободувањето. Се градеа фабрики, куќи и згради. Имаше работа. Носевме песок, цигли, колички, керамиди... Се пренесуваше со коњската приколка сé за градба, оти немаше коли и камиони. И тутунот се плаќаше. Одгледувавме волови, крави, свињи. И трпезата никогаш не беше празна, туку богата. Во 67-ма купив два коњи, лични, стројни и моќни. Беа најарните од триесетината кои сум ги одгледувал - носталгично се сеќава старчето. Никола ги вчудоневидува младите со непокорноста и издржливоста. Не се предава ниту на 91 година. Не ја дава да замине во историјата арабаџиската кола. Се спротивставува на модерните превозни средства со галеж на кобилата.

Joomla Templates and Joomla Extensions by ZooTemplate.Com
 


НАСЛОВНА БРОЈ 193

163

Избор на бизнис на годината

Ценејќи го претприемништвото, а по успешно заокружената манифестација "Избор на бизнис на годината 2010", неделникот "ЗЕНИТ" продолжи да биде посветен на малите и средните претпријатија и во 2011 година. Наскоро, во 2012 година, ќе го извршиме изборот на најуспешни фирми за минатата година, без разлика дали сме ги претставиле или не во нашата рубрика. И годинава приоритет останува отвореноста и соработката со приватните бизниси со цел да ги доближиме до јавноста. Отстапуваме простор за манифестацијата "Изборот на бизнис на годината 2012, на кој сопствениците на малите и средни фирми, ќе можат бесплатно да ја изнесат идејата и развојот на бизнисот. Остануваме да бидеме врската меѓу компаниите и корисниците за претставување на производите и услугите.

ОГЛАСИ

- Се продава плац за куќи од 1500 квадрати во Марино маало на улица “Велебит”

тел. 071 208 508

- Продавам куќа погодна за магацини, стоваришта на “Драган Димески” 32

тел. 071 - 493 - 886 и 048 - 525 910

Повеќе

Зенит на Facebook

lokalna.jpg

Присутни гости

Има 7 гости 

ЗЕНИТ НАГРАДУВА

Во минатиот број одговорот беше ЖЕТВА. При електронскиот избор, најсреќна беше Маја Димоска, која со одговор преку СМС - порака, доби три килограми од три видови локум од фирмата Каре.

ХОРОСКОП


Временска Прогноза - Прилеп