|
11 Октомври
Преговори со полушпиц и напаѓач
Бројните навивачи се нестрпливи околу засилувањата во прволигашот 11 Октомври, но досега ништо официјално. Извесно е пополнување на секоја од линиите во тимот. Течат шпекулациите за Немања Брадоњиќ, Сашо Ѓорески, Дарко Штерјов, Дејан Цветаноски... Преговараме со лев полушпиц и напаѓач. Јавноста ќе биде запознаена по разврската - велат од клубот. Одамна е навестена трансфер листата, со фудбалери со кои ќе следи разделбата. Додека таа се готви, единствен чие име се споменува е голманот Пеце Коруновски. Тој прв побарал исписница. Барањето го разгледуваме и набргу ќе излеземе со свој став - најавуваат од 11 Октомври. Одморот за екипата на Трајче Илиоски тече од 15 декември, а следниот собир е по Нова година и Божик, на 15 или 16 јануари 2012.
Води Златна рака
Во 3. коло од Бизнис лигата во мал фудбал Златна рака Проспект го растури со 6-1 Сидро, а слично на останати мечеви: Основен суд - Горан паркетар Електроелемент 0-5, Лукас Елит - Економски факултет 6-1. Одложени се: Агроинвест - Спорт лајф и Прилеп - Кабелнет. Води З. Р. Проспект со девет бода, пред С. Лајф и Горан П. Е. по шест. Топ стрелец со шест гола е Оливер Јошевски (Горан П. Е.), а по четири се Гоце Макалоски (С. Лајф), Роберт Ѓорчески (Лукас Е.) и Рубин Кочоски (З. Р. Проспект) |
|
Стартува Изборот ЗЕНИТ спортист 2011
Читателите гласаат по СМС
Четвртпат избираме Спортист на Зенит за 2011, а за разлика од минатите три години, овојпат прво се гласа за тројца по категории, после од тројцата Комисијата избира еден, најдобар. Изборот е со помош на читателите. Тие можат да гласаат преку СМС пораки. Едноставно е: се пишува СМС порака на 075 149 309 (30 денари плус 18 отсто ДДВ). Доволно е да се напише само редниот број од спортистот. Една порака е за еден глас. Може да се испраќа неограничен број пораки. Најсреќниот читател - гласач ги добива сите награди, спортска опрема и друго.
СПОРТИСТИ:
1 Благоја Гешоски (фубал, 11 Октомври)
2 Владо Данилов (фудбал, 11 Октомври)
3 Денис Димитриоски (фудбал, 11 Октомври)
4 Александар Зојчески (фудбал, Победа јуниор)
5 Пеце Коруновски (фудбал, 11 Октомври)
6 Дејан Кулески (фудбал, 11 Октомври)
7 Филип Мирчески (фудбал, 11 Октомври)
8 Владимир Мојсовски (фудбал, 11 Октомври)
9 Владимир Петрески (фудбал, 11 Октомври)
10 Благојче Рутевски (фудбал, 11 Октомври)
11 Срѓан Божиќ (кошарка, Ултимејт баскет)
12 Јованка Гусакоска (џудо, Пролетер)
13 Маја Димитриоска - Чешелкоска (стрелаштво, Херој Прилеп)
14 Кристина Илиеска (ракомет, Жито Прилеп)
15 Дијана Наумоска (ракомет, Жито Прилеп)
16 Ивана Петковска (ракомет, Жито Прилеп)
17 Ѓоко Јочкоски (пингпонг, Младост)
18 Андреј Лашкоски (пингпонг, Младост)
19 Иле Крстески (велосипедизам, Илинден)
20 Гоце Митоски (борење, 7 Мај Леов)
21 Александар Николоски (бокс, Ас)
22 Елена Чакмакоска (фудбал, Победа)
23 Катерина Атанасоска (кик бокс, Максам)
24 Мартин Димоски (кик бокс, максам)
25 Мартин Јованоски (параглајдерство, Делта)
26 Миле Јованоски (параглајдерство, Делта)
27 Тони Кироски (шах, Прилеп)
28 Зорица Спиркоска (карате, Ронин) |
|
Иван Мечев - Ристо Глигороски
Неразделни другари од Победа
Во дуќанот на некогашниот фудбалер на Победа, Иван Мечев, го сретнавме неговиот соиграч, прочуениот голгетер Ристо Глигороски. Живее во Косел, Охридско, а често навраќа кај стариот другар. Муабетите се за животот и за убавите моменти некогаш, во седумдесетите и осумдесетите години од минатиот век. Над 40 години сме неразделни. Ристо беше одличен фудбалер, а беше и остана прекрасен човек - вели Мечев, најбрзиот и неуморен десен бек. Глигороски возрасните го паметат како мајстор за волеј, скок и удар со глава, брз и итар во казнениот простор како Германецот Милер. Играше за Караорман и Вардар, но најмногу, 14 сезони во Победа. Имам само убави зборови за Мечев, со кого дружбата долго трае. Велат не се повредувавме. Бевме подготвени, трениравме по два - трипати дневно. Публиката нî сакаше, нî препознаваше низ град, оти со години не се менуваше тимот - смета Глигороски.
|
|
Пред 30. 000 гледачи во Болтон
Прилепски брак на англиски фудбал
Минатиот 22 мај, 2011 г. е пресвртница во животот на дипломираниот спортски менаџер Александар Ѓорѓиески. Тој ден ја побара за жена сограѓанката Македонка Димитриоска на необично место - стадионот во Болтон, Англија, на премиерлигашки меч. Играа Болтон - Манчестер сити 0-2, пред 30 илјади гледачи. Болтон го одбрав како омилен клуб, со кого соработувам четири години. Беше прекрасно, сé се одвиваше во ложата - вели Ѓорѓиески. Тој долго и тајно го подготвувал изненадувањето. Добил зелено светло од сите институции. Силна била поддршката од управата на Болтон, амбасадите, швајцарската агенција... Настанот влегува во рамките на службата. Со спортски термин кажано, го реализирав најголемиот трансфер - во шега вели менаџерот. Ѓорѓиески е поранешен одбојкар на 11 Октомври. По завршувањето на студиите во Белград, беше во ФК Работнички Кометал, а оттогаш живее и работи во Скопје.
|
|
Печалбари
Несторовски гледа кон Русија
Фудбалерот Илија Несторовски (21), е во трилема каде да ја продолжи кариерата. За него порасна интересот, откако се покажа како вистинско засилување во чешкиот прволигаш, Викторија Жижков, а во сеќавање ќе остане победоносниот гол против Дукла од Прага. Одлични партии прикажа во младата репрезентација на Македонија, а негово дело беше израмнувачкиот гол со Данска. Прва опција е Викторија, втора е враќање во Словачко, од каде е отстапен, а трета заминување во друга држава. Подеднакви шанси да останам или заминам од Чешка. Слушам се интересираат од Русија и други земји... На менаџерот е одлуката - вели Несторовски, некогашен играч на Победа. Во странство има доста спортски печалбари: тренерот Гоце Седлоски во Австрија, каде е фудбалерот Илчо Наумоски, Дарко Тофилоски во Словачка, Зоран Даноски во Чешка, ракометарот Горан Кузманоски во Романија, Даниел Дупјачанец во Косово, сестрите Андријана и Матилда Атанасоски во Германија, Филип Ангеловски во Грција. |
|
Настани за паметење
Најсилен аплауз
Нема многу спортски настани кои се одржаа во градов, а ќе се паметат долго. Фудбалот тргна па застана, 11 Октомври тешко влезе во Прва лига и бргу се спушта надолу. Победа јуниор експресно стаса до Втора, но далеку е од бараж за елитата, а секоја чест за Корзо, низ јуначки од само на гостински терени до прво место во Трета. Од овој спорт барем се изнагледавме репрезентации. Ракометот машки згасна, женскиот го крепи Жито Прилеп. Добро е што воопшто го имаме задоволството од натпревари во салата "Сонце", а грешка се чини е напуштањето на домашната Супер лига и преминот само на Регионална. Таму цела есен одвај се одиграа шесте меча, закажани без ред и нормално публиката не може да ја очекуваме во голем број. Штета за пропуштеното во европскиот КПК. Од останатите спортови одбојката чекаме да се обнови и машката и женската. Убаво што се одржува велосипедизмот, тешко е со пинг - понгот. Борењето, каратето, џудото, боксот и кик - боксот зборуваат дека имаме дарба за тие вештини, а се чини во шахот, стрелаштвото можеме повеќе. Годината најдобро се памети по спектаклите и аплаузите. Еден силен, можеби најсилен доби параглајдеристот Миле Јованоски, кога на мечот Македонија - Албанија (0-0) слета милиметарски на центар. Аплаудираа судиите и фудбалерите, целиот стадион.
|
|
Ракомет: Кус одмор за Жито Прилеп
Собир на 8 јануари
Екипата на Жито Прилеп од сабота конечно добива одмор. Паузата е куса, само за празниците. Нема време за губење. Нужна е повеќе работа, според планот на тренерот. По Божик се собираме. На 8 јануари сите првотимки в сала - вели Менде Петлески, тренерот. Жито Прилеп имаше проблем со малкуте првенствени мечеви. Одигра само шест (две победи и четири пораза) во Регионалната лига. Потребни се пријателски натпревари. Планирани се тестови со вториот тим на Металург Скопје и Гевгелија. Првиот тест го добивме 33-26 во Скопје. Неопходна е барем уште една пријателска - смета Петлески. Составот е ослабен по заминувањето на Ана Стојановиќ, Андреа Кликовац и Ивана Петковска. На 19 јануари 2012 е натпреварот дома со Будуќност. |
|