|
ЗЕТОВСКИ ТАНЦ НА ДАНОЧНИКОТ
Бошко Талески, раководител на одделението за приходи, го остави зад себе ергенлакот и застана на “лудиот камен”. Со брак ја круниса долгогодишната љубов со саканата лекарка Захарица Пешталеска. Честито нека им е на Талески и на неговата избраничка. Им посакуваме хармоничен живот, исполнет со радост и полно рожба. Првиот локален даночник се охрабри и кажа пред свештеникот дека е подготвен да го дели животот со сентиментална личност. Потврда е и фејсбук профилот на неговата животна избраничка, на кој напишала - “Ноќта е кратка, ако ја минуваш со саканата личност, а денот е долг, ако мислиш на неа, љубовта е вечна, ако ја чуваш во срцето”. Според тоа Бошко избрал да живее со чувствителна жена, полна со љубов кон сопатникот. Официјалната размена на венчалните прстени и судбоносното “да”, младите го направиле на спектакуларна свадба во ресторанот Романса. И младенците, и сватовите лумпувале и се веселеле долго во ноќта, зашто кај страната на Бошко тоа е прва радост. Не разбравме дали брачната двојка ќе има свадбено патување, колку пари Бошко и нункото ставиле во чевлите на невестата, каква е содржината на невестинскиот чеиз и колку златен накит добила невестата.
Како и да е, на младите им претстојат радости и животни бури, но љубовта секогаш е посилна и од стихиите. |
|
КОЦКА НА ОТВОРЕНО
Прилепчани се мераклии за игри на среќа. Имаат ген за потрага по среќата. Играат бинго, пополнуваат лото, гребат грепки... Не ретко го пробаат к'сметот преку СМС. Бараат добивките од наградните игри да им ги остварат фантазиите. Последната, повеќе од децениска еуфорија, е обложувањето на спортските резултати, како поранешната спортска прогноза и модерните игри на среќа во казината со машини. Прилеп не е Лас Вегас, ама ретко во која куќа да не се посакуваат пари од “ведро небо”. Прилепчани ја најдуваат среќата. Неколкупати добивале подебели награди. Дури еден го “нарасија” илјадници долари во Америка. На некои и овде им се смее среќата. Се добивале автомобили, пари на лото или на спортска прогноза. И на лозови. А коренот го носат од дамнина. Страста по игрите за среќа вирее уште кај предците кога по анџилниците, по кафеаните, се хазардирало, се вртел рулет. Не така одамна и Ромот Џело стоеше зад хотел Јадран со рулетот и среќните броеви.
Вистинска лотариска треска владеела пред 40 години. Државната лотарија на тогашна Југолавија ги запалила граѓаните. Организирала извлекување на броеви на големи тркала поставени на платото на тогашната пошта, а сега Комерцијална банка. Под отворено небо, толпа народ се собрал да го следи јавното извлекување. На спектаклот се скандирало, се иссвиркувало за некои броеви, се радувало и се плачело. Добивките биле големи, а за Прилеп била организирана и посебна лотарија.
Некој успеал да го стави на фотографија настанот, кој стана дел од градската историја и сведочи за “коцкарската” традиција. |
|
ГРАВЧЕ ЗА МУЗИЧАРОТ
В недела планинарите на ЕПД Картуш ќе го чекорат седмиот меморијален марш за прерано починатиот колега Петар Андоноски - Музичарот. Ќе кинисаат од Плетвар, кон Трајановата чешма, месноста Ливадата, Казанташ и ќе стасаат до манастирот Свети Димитрија, каде ќе седнат на заедничка трпеза со гравче. Инаку, минатата сабота, педесетина беа дел од 500 планинари од земјава кои го освоија Пелистер на меморијалниот марш Диме Илиески - Мурато, кој исчезна под Монт Еверес пред дваесетина години. Со напорно искачување му се поклонија на Мурато за неговотот дело, кое остана запишано во историјата на планинарството дека направил херојски подвиг, поставувајќи македонско знаме на “покривот на светот”. За жал , тој не успеа да ја ужива славата. Затоа колеги го паметат и достоинствено го одбележуваат денот на неговото погибие. Малку им беше на “Картушовци” Пелистер, па идниот ден се напија вода од Вевчанските извори. Минале дел од денот кај селото Рајчица кај Струга, уживале во водопадот Дуф кај Ростуше, запалиле свеќа во манастирот Свети Јован Бигорски и плакнеле очи од Мавровското Езеро.
|
|
ПУБЕРТЕТ
Наше дејче пубертејче
удри кучка по слабина
да ти пушти киселина
да ти биди медицина.
Ката вечер да се миеш
соно сладок да го спиеш
да си љубиш лично момче
педа човек лакот брада
Мала ти се маже
сама себе се прелаже
нема ора ни да водиш
скоро ти ќе се породиш
Прво лето да си близна
второ лето цела тројка
да си слична како коза
да се видиш коски кожа
Твојто момче лакот брада
дете води испод рака
како баба од сто лета
оти сама ти залета
Автор
Томе Велјаноски Марулецо |
|
ФОТКА НА НЕДЕЛАТА

|
|