PDF Печати Е-пошта

Хуманитарен ветерански спектакл в среда во 17ч. во арена “Сонце”

ТРИ ЧАСА СО РАКОМЕТНИТЕ ЛЕГЕНДИ

Сите пари од влезниците за новата црква “Света Петка”

Долгоочекуваниот спектакл - ревијалните ракометни мечеви на ветеранките од Тутунски комбинат против Скопје, односно ветераните на Тутунски со некогашните репрезентативци на Македонија, е в среда (17 и 18, 30 ч.), во салата “Сонце”. Интересот е огромен поради  враќањето на спомените на добрите времиња на ракометот. Мечевите ќе имаат и хуманитарен карактер, бидејќи парите од влезниците од по 100 денари ќе се насочат за доградба на црквата “Света Петка”. Практично, мечевите ќе бидат четврт донаторски настан.

Ќе се претстават легендарните ракометни ѕвезди. Скопје доаѓа со некогашниот европски шампион Кометал и неколку други клубови. Најавени се Нацева, Стојаноска, Шишкоска, Златановска, Аџиевска, Кастратовиќ, Велкова, Чупиќ, Тодоровска, Радуловиќ, Будимир, Платон, Карбеска, Пршеш, Новоселска. Тренери се Радиќ и Бошковски. Тутунски се спротивставува со екипа од некогашната втора југословенска лига: Милошеска, Наумоска, Белакапоска, Силјаноска, Филипоска, В. Аџулеска, Митеска, а продолжуваат помладите Шокоска, Стојческа, Дисоска, Ангелеска, Самарџиоска... Тренер е Кузманоски. Од РФМ доаѓа делегација како да одат на светско првенство. Судии се Неделковски и Микиќ.

Во предигра на ветеранките, играат ветераните. Сите се поранешни репрезентативци. Најавен е составот: Петковски, Стефановски, Тутарков, Манасков, Бисимов, Цветановски, Николовски, Станковски, Ѓорѓиевски, Зарков, Јусуфовски, Андоноски, Петрески и Димитровски. Во последен момент ќе биде познат домашниот тим на некогашните првотимци од Тутунски, кои успешно настапуваа во Втората југословенска лига и беа први вицешампиони во самостојна Македонија Доволно е да се спомнат имињата на О. Илиоски, С. Илиески, К. Илиески, П. Локвенец, а има уште многу други заслужни.

Joomla Templates and Joomla Extensions by ZooTemplate.Com
 
PDF Печати Е-пошта

Ракомет: Жито Прилеп четврт пат во Европа - во КПК

СПАСЕНА СЕЗОНА

Крајот делото го краси, а ракометарките на Жито Прилеп токму во завршницата, кога најмногу требаше “стиснаа заби” и како лани одиграа финале на Купот. Прво на пенали со 34-32 го елиминираа залетаниот Вардар, а откако ја остварија целта, во финалето му допуштија на фаворитот Металург да се радува на висок триумф од 44-25.

Металург оди во квалификации за Лига на шампиони, а Жито Прилеп наесен ќе настапува вторпат во КПК. Претстои четвртиот излез на европската сцена. Убав континуитет. Сé почна есента 2009 кога беше организирана групата од купот Челенџ и се одиграа три кола во салата “Македонија” против Украинки, Ирки и службено Гркинки. Походот заврши во Португалија. Во 2010  пак службено со Гркинките, до пораз од Французинки. Лани победата беше со Литванки, а елиминација од Чехинки.

Како и да е, спасена е сезоната. За учество во финалето од РФМ добиен е пехар и медали. Јаломитеану е прогласена за најдобра голманка. До успехот дојде составот: Наумоска, Јаломитеану, Дурланова, Павичевиќ 2, Стојановиќ 8, Мркиќ 7, Цветановска 1, Иломаноска, Аџулеска 3, Здравевска, Ѓорѓиоска, Цаневска 1, Серафимовска 3, предводени од тренерот Петлески.

В недела е последниот меч за оваа сезона, првенствениот дома со Куманово.

Joomla Templates and Joomla Extensions by ZooTemplate.Com
 
PDF Печати Е-пошта

Фудбал: Феноменот 11 Октомври

АПЛАУЗИ ЗА ПОСЛЕДНИОТ!

Екипата на 11 Октомври по речиси шест месеци го имаше третиот првенствен триумф, прв пролетен, над Охрид 2004 со убедливи 3-1. Трите бода наизглед не се ништо за опстанок, но во клубот сите се со насмеани лица. Ведрината е поради прикажаното од новите “деца” меѓу 16 и 18 до 20 години возраст. Покажуваат дека има надеж и дека не е ништо загубено за прилепскиот фудбал.

Феномен е публиката. Се собира масовно да го следи последниот на табелата. Отпаднат е одамна, без шанси, а навивачите аплаудираат. На капитенот Кулески на нозе му ракоплеска цела трибина. Го ценат највозрасниот, оти трча и се залага од срце. Исто и за голгетерот Гешоски, Ацески. Поддршка има за нововлезените, единствениот од страна Обрадовиќ, младите Тошески и Л. Николоски...

Навивачите насетуваат создавање сериозна екипа за иднина. Дава резултати макотрпниот труд на тренерите Наумоски, Крстески и Митрикески и на нивните претходници. Се гледа течна игра, акции, борба, шанси и голови. Желбата за докажување е огромна.

Секој меч се чека љубопитно, кое ново “дете” ќе се појави? Покрај голманот Игески, средните Наумоски и Радески, приклучени се  голманот Талески, средните Димоски и Илиески, напаѓачот Николоски. Следен атак на три бода е в недела (17 ч.) дома со Хоризонт Турново.

Joomla Templates and Joomla Extensions by ZooTemplate.Com
 
PDF Печати Е-пошта

Спортски школи: Боречка 7 Мај Леов

ТЕШКИ УСЛОВИ - ДОБРИ РЕЗУЛТАТИ

Клубот 7 Мај Леов, формиран 2004, е всушност боречка школа. Речиси нема возрасни членови, туку само млади. Досега продефилираа над 300, а сега тренираат 18 постојано и седуммина рекреативно. Тезата е “форсиран и гален на тренинг, го фрлаат како палто на мечот”. Непроменет е стручниот тим Саше Игњатовски, Александар Стојаноски и Илчо Маркоски. Дојден од Пробиштип, наидов на отпор. Кој сум од страна да правам клуб? Полесно одеше здружени тројца. Прво работевме без душеци и услови. По некое медалче земавме. Тргнавме чекор по чекор нагоре - вели Игњатовски. За седум години има успеси: младински репрезентативци, како Стојанче Тушески, најдобар спортист на 2008. Таа генерација се пласираше во Прва лига и беше петта меѓу 10 тима. Лани и Мартин Стојаноски стана младински првак и репрезентативец, 12-ти во Европа, трет на турнир во Турција. Зачестија меѓународните настапи.

- Предводници се Стојаноски и Дејан Заов. Веднаш покажаа талент, но имаа проблем со смената на генерации. Нема кој да ги повлече, да се направи пресудниот исчекор. Надоаѓаат три - четири деца. Чекаме да загризат здраво, да се посветат. Малодушноста ја сопира младината - смета Игњатовски.

Клубот работи стручно и напорно, иако во неповолни услови. Почетниците вежбаат поставување на телото, координација со нозете и рацете, првите лесни зафати. По три месеци одат на првиот дуел. Се атакува на медал за шест до девет месеци тренинзи. Доста чудно, ако се знае дека неопходни се 10, а клубот во салата на ОУ “Гоце Делчев” има само четири термини неделно!

- Недостасуваат пари. Потребни се повеќе спонзори, не е добро товарот да паѓа на еден. Не опстанува еден дуќан со еден муштерија - подвлекува Игњатовски.

Следен настап за БК 7 Мај Леов е турнирот на 8 јуни во Џенова, Италија.

Joomla Templates and Joomla Extensions by ZooTemplate.Com
 
PDF Печати Е-пошта

Моделарство

ТРЕТО МЕСТО ЗА АК ПРИЛЕП

Борба водеа 16 натпреварувачи на 60 Државен натпревар во воздухопловно моделарство, во Ф 1 А - едрилици на аеродромот кај Мало Коњари. Резултатите се солидни на ветровитото време. Потребна беше и физичка подготвеност, бидејќи во потрага по моделите при турнусите, натпреварувачите истрчуваа по 25 - 30 километри. Најдобар успех постигна Гоце Јосифовски (АК Витачево, Кавадарци), пред Пеце Илиевски (АК Мирко Тодоровски, Битола) и Живко Николовски (АК Скопје). Од прилепчаните најуспешен е Зоран Велкоски, петти.

Екипната на домаќинот, АК Прилеп (Велкоски, Димески, Попоски, Најдоски), собра поени за трето место.

Joomla Templates and Joomla Extensions by ZooTemplate.Com
 
PDF Печати Е-пошта

Гимнастика

ОДЛИЧНИ ВО БИТОЛА

Блесок на гимнастичарите од КГС Партизан во салата во Битола  на државниот натпревар од А лигата. Освоени се две први места. На пиедестал којзнае по којпат, се искачи Дино Бошњак во јуниорска конкуренција. Во поени далеку побегна на конкурентите, кои се бореа за второто место. Лидер е и Стефани Спиркоска кај постарите пионерки,

Вторите места припаѓаат на Хелена Зографска кај помладите пионерки, Андреја Ангелковска кај јуниорките, Ивана Јанкоска во конкуренција на сениорки, Димитар Илиески кај постарите пионери. Третопласирани се помладата пионерка Анастасија Ангелеска, постариот пионер Џулијано Христоски и младиот јуниор Андреј Деспотоски, кој јуначки издржа, повреден. Тренерот Златко Ангелески е презадоволен, со оглед на редуцираните тренинзи зимоска.

Планирани се три турнири, од кои последниот, наесен, во Прилеп.

Joomla Templates and Joomla Extensions by ZooTemplate.Com
 


НАСЛОВНА БРОЈ 206

206

ЗЕНИТ 4 ГОДИНИ СО ВАС

Ја започнавме петката. Петта година, откако излегува Зенит. А ако петката е синоним на успех, тогаш сигурно неделниот весник може да се пофали со нагорна линија. Од 4 мај наваму во главата на весникот гордо е испишана петка. Зад себе има над 200-тини броеви и 4 годишно функционирање.

            И покрај сите турбуленции во бизнис климата, неделникот Зенит  го пронајде курсот на пазарно опстојување. Единствената формула за успех, сте Вие, почитувани читатели, затоа што во петочното четиво пронајдовте интересни информации, содржини, приказни. Излегувањето на Зенит се должи и на професионалната релација, со деловните партнери, градејќи мегдан за долгогодишна соработка.

            Уредувачкиот тим на Зенит, уверува дека ќе остане на принципите на новинарството за објективно и навремено информирање во иднина.

            Ви благодариме, пријатели на Зенит! 


Зенит на Facebook

EKONOIMSKI.jpg

Присутни гости

Има 12 гости 

ЗЕНИТ НАГРАДУВА

 

Во минатиот број одговорот беше АМАНЕТ. При електронскиот избор, најсреќен беше Владо Трајкоски, кој со одговор преку СМС - порака, доби три килограми од три видови локум од фирмата Каре. Продолжете да бидете добри енигматичари и сладете се со вкусен локум од Каре.

ХОРОСКОП


Временска Прогноза - Прилеп