reklama

reklama

reklama

ПЕРДУВИ СО КРИСТАЛЕН ГЛАС PDF Печати Е-пошта
Прочитано : 160 пати
Недела, 10 Декември 2017

Зоран Дурланов, љубител на разнобојни песнопојни птици

CIMG2555

„На балкан еден светол, во кафезот свој мал,

чучурлига сал пее ,со бол што и се збрал.

Но, ете еден врабец, му ветила за час ај,

спаси ме ти само, ќе летнам со тебе в час...“.

Песнава е многу стара и убава. Поетот порачува дека љубовта меѓу луѓето, како и кон птиците ослободува.

Полн со љубов, посветеност, со разгорен "жар", зборува за своите миленици - птиците, Зоран Дурланов. Има 47 години и голем мерак на песнопојките.

Од мал е со птиците. "Птичјиот занает" го наследил од татко му. Ги одгледува и се воодушевува на песната, откако знае за себе. Птичјото катче го красат 50-тина чивта разнолики папагали, канаринци и по некоја дива птица, кои се лесно прилагодливи на домашни услови. Љубвта кон птиците веќе 17 години ја има претворено и во бизнис. Покрај пердувестите миленци во двата дуќани, на муштериите им става на располагање и акваримски риби, желки, зајачиња и хрчаци. Дуќаните тежат - лежат со храна за милениците и со опрема, од кафези до пумпи за аквариумите, ремчиња и корпи за кучињата, куќарки за мачки...

- Птиците ги размножувам и ги одгледувам во посебна просторија, на одредена температура, со беспрекорна хигиена, да бидат здрави, нежни, со квалитетен пердув. Птиците ги продаваме. Покрај сопствено "производство", набавуваме и од Србија, која е најголем производител на папагали, и од Грција. До дел од јатото доаѓаме со размена меѓу одгледувачите. Многубројни сме во градов - кажува Зоран, кој направил бизнис со продажба на птици и други животиња.

CIMG2556

Канаринки слаба точка на Зоран

"Колекцијата" едноставно плени. Богата е со тигрици, нимфи и секакви птици, прилагодливи на наши услови, клима. На ѕидовите обесени кафези со разнобојни птици кои шират крила. Разлева нивниот глас. Чувството да ги слушате е рицарско.

Зоран вели дека папагалите Ара, Какаду, Жаку, може да достигнат цена од три-четири илјади евра.

- Паметиме период кога дневно продававме по три птици. Сега, прашање е дали неделно ќе се продадат толку. Меракот е "загушен". Човек не може за хоби да купи и да се радува на птица. Имам голем мерак и затоа сум упорен. Некои птици, како некои од канаринците, не ги продавам. Уживам кога го слушам пеењето. Го оживуваат домот. Прават весела, разиграна атмосфера со песната. Тие се мелем на рана и лек за депресивни. Намуртениот ќе го насмеат и налутениот ќе го расположат. Зрачат оптимизам и надеж дека животот е убав. Ќеф се за душата. Сонцето го "запираат" со песната, денот го прават незаборавен. Со песна "отвораат патишта". Ечат, небаре знаат ноти и на ветерот, дождот, снегот, сонцето. Проѕирната нежна душа на птицата ја храни човечката душа. Допира до сентименталната жица во човекот. Ме релаксираат. Доживувам огромно задоволство да ги гледам преливите на боите на пердувите. Посебна радост е негувањето на птиците од јајце до пиле. Им создавам услови за размножување како природните.  Птици има од сите страни на светот. Дури и кинески, јапонски, индиски и јужноамерикански егзотични птици. Сериозна е  грижата за лекување, вакцинирање и создавање амбиент и клима во кафезот, слични на џунглите и прашумите - вели Зоран Дурланов, во чии раце прета и истовремено се кроти малечко папагалче.

Со ленти ги учи папагалите да зборуваат

Дома чува и ретки папагали - Розели - и Жаку, кои се австралиски птици, сиви со црвена опашка. Чинат околу 600 евра, а живеат и до 90 години.

- Папагалите зборуваат. Многу брзо го учат говорот. А канаринците од мали во затемнета просторија слушаат ЦД и се учат да пеат. Имитираат она што е на ЦД-то - рече Зоран.

Иако е мачно, но поради љубовта, со невидена леснотија и грижливост ги "размножува", ги лечи, им чисти. Вели тешки се за одржување, зашто прават ѓубре. Како да одгледуваш крупен добиток. Но, радоста од кревките разнобојни песнопојки или жалопојки не оставаат никој рамнодушен, па ни Зоран.

Не се плаши од птичији грип. Среќен е што семејството го поддржува и му помага. Создал непосредност, блискост со птиците, кои како да го препознаваат.

- Синот Христијан од мал е љубител на птици. Се надевам дека ќе ја негува страста како мене - рече Дурланов.

Членува во Здружението за заштита и одгледување на птици, каде разменуваат мислења, птици, вљубениците во птиците.

Прилеп е на врвот за одгледување птици, со најмногу птичари-врапчари.

- Купувам секакви птици. Следам литература и интернет и учам за секој вид. Се придржувам до пишаните правила за одгледување, размножување, хранење и слично - забележува  Зоран, докажувајќи дека љубопитно трага по нешто ново и интересно.

CIMG2557

Песнопојки стрелаат со кротки очиња и силна песна

Пролетта и летото се иделални услови за размножување. Потребна е околу 18 степени температура. Птиците несат од три до шест јајца, а по два месеци пилето е големко. Кај Зоран се испиловаат птици донесени од тропските пејсажи, со виножито во нивните пердуви. Со накитени крилца леткаат, а лакираните очиња "стрелаат". Слушајќи ги, мислите дека се наоѓате во рајска градина.  

Joomla Templates and Joomla Extensions by ZooTemplate.Com
 


479

face

anketa

НАСЛОВНА

prognoza